Црква Св. Ѓорѓи
Црквата Св. Ѓорѓи во селото Старо Нагоричино има две фази на градење. Првата црква од која се сочувани долните ѕидови градени од убаво обработени камени блокови датира од 1068 - 1071 год. Ја подигнал византискиот император Роман IV Диоген. Таа имала базиликален облик со галерии над северниот и јужниот брод. Црквата ја обновил во 1313 година српскиот крал Милутин и му ја посветил на Св.Ѓорѓи. За ова постои запис во камената греда над влезната врата.
Обновата е направена (во сосема друг стил) како пет куполна градба со основа во вид на впишан крст. Фрескодекорацијата ја извеле најпознатите сликари во тоа време Михајло и Евтихие до 1318 година.
Сликарството е изведено во стилот на т.н. ренесанса на Палеолозите, владејачка династија во тоа време во Византија. Се одликува со прецизен цртеж и богат колорит кој им дава голема пластичност на фигурите и сликаната архитектура на фреските. Композициите од сликаните циклуси се урамнотежени, јасни и прегледни. По својот квалитет ова сликарство спаѓа во самиот врв на нашата и европската средновековна уметност.